Баер Леверкузен по двете нерешени средби по ред успеа да се врати на победнички патеки во Бундес-лигата, рутински славејќи над Ајнтрахт со 3-0. Екипата на Ајнтрахт минатиот викенд го демолираше Баерн Минхен, но гостите од Франкфурт овојпат немаа никакви шанси против расположените избраници на Чаби Алонсо.
Баер ја искористи првата шанса што ја имаше на натпреварот, откако Бонифејс влезе во шеснаесетникот и со прецизен удар го матираше голманот на Ајнтрахт. Истиот фудбалер учествуваше и во акцијата при вториот гол, овојпат голманот го одбрани неговиот удар, но десниот бек Фримпонг натрча на одбиената топка и ја смести во мрежата.
Третиот погодок беше вистинско ремек-дело на Флоријан Вирц, кој од петнаесетина метри го лобуваше гостинскиот чувар на мрежата, за тотална еуфорија меѓу домашните навивачи на „Бај Арена“.
Баер Леверкузен сега има седум бода предност, но и два меча повеќе во однос на Баерн Минхен во трката за титулата во Бундес-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

