Баер Леверкузен потроши 20 милиони евра на ново засилување

Баер Леверкузен ја стартуваше новата сезона со две победи, но управата на клубот инвестира дополнително во играчкиот кадар за да му обезбеди на тренерот Чаби Алонсо што подобар тим за атак на висок пласман.

Откако на позајмица од Баерн Минхен беше доведен десниот бек Станишиќ, денеска беше ангажирано дополнително засилување за нападот, Нејтан Тела од Саутемптон. Овој млад фудбалер е продукт на академијата на Арсенал, пред две години во Саутемптон постигна само еден гол на 33 средби, но затоа блесна минатата сезона на позајмицата во Барнли, каде со 17 погодоци беше меѓу најзаслужните што овој тим обезбеди промоција во Премиер-лигата.

Неколку екипи се интересираа за Тела, но „фармацевтите“ успеаја да постигнат договор со Саутемптон нудејќи загарантирани 20 милиони евра. Фудбалерот ги мина лекарските прегледи и денеска и официјално го потпиша договорот со германскиот прволигаш, со што стана најскапо засилување на Баер во овој преоден рок.

Бундеслигашот Леверкузен со овој трансфер го заокружи преодниот рок откако претходно ги ангажираше Гранит Џака, Јонас Хофман, Алехандро Грималдо, Артур и Виктор Бонифаче.

Се вчитува...