Баер Леверкузен со два нови трансфера во ист ден

Баер Леверкузен го продолжува ремонтот во играчкиот кадар во овој преоден рок откако „фармацевтите“ денеска комплетираа два нови трансфера, на Лоик Баде и Клаудио Ечевери.

Баде е француски интернационалец кој пристигнува од редовите на Севилја, а поранешниот германски првак ќе плати 29 милиони евра за да го доведе на „Бај Арена“. Дефанзивецот беше еден од ретките од генерацијата на Севилја што ја освои Лигата на Европа во 2023 година и се уште е во клубот, а шпанскиот тим поради финансиските проблеми беше принуден да го продаде и Баде, кој пред две и пол години дојде од Рен за 12 милиони евра. Се очекува Французинот да биде командант на одбраната на тимот на Ерик тен Хаг и да го заземе местото на Тах, кој се пресели во Баерн Минхен.

Клаудио Ечевери дојде во Баер на едногодишна позајмица од Манчестер сити, станува збор за 19-годишен офанзивен играч за врска кој неодамна пристигна од Ривер плејт, но Гвардиола инсистираше тој да замине во друг клуб за да се здобие со неопходното искуство пред да добие шанса во дресот на „граѓаните“.

Од неколкуте понуди на маса челниците на Сити ja избраа онаа на поранешниот германски првак, каде Аргентинецот ќе го носи дресот со број девет.

Се вчитува...