Баер Леверкузен покажа дел од својот шампионски шарм од ланската сезона откако „фармацевтите“ со импресивно издание стигнаа до цел плен на тешкото гостување против Борусија Дортмунд (2-3). Избраниците на Чаби Алонсо одиграа фантастични први 20 минути во кои постигнаа три гола, по што знаеја како да го задржат водството и на крајот заслужено ги освоија трите бода, па сега се на само „минус еден“ во однос на лидерот Баерн Минхен.
Дуелот почна неверојатно, па Баер поведе по само 25 секунди игра, откако Борусија тргна прва од центарот, но ја загуби топката, а Тела со маестрален удар од дваесетина метри го доведе шампионот во водство. „Милионерите“ беа во нокдаун, а Баер Леверкузен го искористи тоа за да зголеми на 0-2, со голот на Патрик Шик на асистенција на Хинкапи.
Гисенс погоди мајсторски во 12. минута за прв гол на Борусија, а гол-шоуто продолжи и седум минути подоцна, кога Шик со својот втор погодок донесе 1-3 за актуелниот првак на Бундес-лигата.
Очекувано, неверојатниот голгетерски ритам не можеше да се задржи уште долго, па иако екипите играа отворено до крајот, беше постигнат само уште еден гол. Борусија со пеналот на Жираси намали на 2-3, но „милионерите“ не успеаја целосно да се вратат и Баер заслужено стигна до цел плен на ова тешко гостување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА