Ули Хенес во изјава за германските медиуми порача дека има апсолутна доверба во Нико Ковач, но тиражниот весник „Билд“ тврди дека позицијата на тренерот на Баерн е максимално разнишана, а раководството на клубот веќе почнало да ги разгледува опциите за негов наследник. Според „Билд“, Ковач ќе добие уште една последна шанса на гостувањето против Волфсбург, а доколку Баерн не стигне до три бода на овој меч ќе следи отказ и експресно именување на нов стратег.
Во игра се тројца врвни стручњаци, и тоа тројцата Французи, Зинедин Зидан, Арсен Венгер и Лорен Блан. По заминувањето од Реал, Зидан се поврзува со секој европски гигант што слабо ја почна сезоната, па исклучок не е ниту Баерн. Зизу е прва опција, но останува да се види дали баварската управата ќе успее да го убеди во ситуација кога и Манчестер јунајтед е сериозно загреан за негов ангажман.
Доколку не се постигне договор, тогаш би се почнале преговори со останатите двајца кандидати, Арсен Венгер и Лорен Блан. Венгер одмори неколку месеци по заминувањето од Арсенал и најави дека е подготвен за камбек, додека Блан веќе неколку години е без клуб, чекајќи ја „вистинската понуда“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА