Баерн Минхен ќе биде значително ослабен за претстојниот натпревар од Лигата на шампионите против Арсенал откако Франк Рибери и Џером Боатенг не се рехабилитираа навреме за да можат да настапат на „Алијанц арена“ в среда. Рибери заработи незгодна повреда на мускулот кон крајот на јануари, по што беше предвидена пауза од најмалку 15 дена. Баварците се надеваа дека тој ќе се рехабилитира навреме за да може да настапи против Арсенал, но Французинот ниту денеска не тренираше со полна пареа, со што исчезнаа шансите тој да биде во комбинација за пресметката со „топчиите“.
Крилниот фудбалер би можел да се врати во тимот на Баерн Минхен најмалку за една седмица, а уште подалечен е камбекот на Боатенг. Искусниот дефанзивец беше опериран кон средината на декември и треба да минат најмалку уште петнаесетина дена за да може да му се стави на располагање на Карло Анчелоти, па баварците се надеваат дека тој ќе биде „фит“ за реваншот со Арсенал, што ќе се игра на почетокот од март во Лондон.
Местото на Боатенг во одбранбената линија ќе го заземе Хави Мартинез, додека Даглас Коста останува стартна опција на позицијата лево крило во ситуација кога Рибери е повреден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА