Баерн Минхен чекори сигурно кон титулата во Бундес-лигата откако баварскиот гигант дојде до цел плен на тешкото гостување против Штутгарт, триумфирајќи со 1-3. Херој на Баерн на овој дуел беше Леон Горецка, кој одлично се снајде по една голема грешка на домаќините во нивниот шеснаесетник, постигнувајќи го голот за победа на баварскиот гигант.
Првото полувреме донесе одличен фудбал, двете екипи промашија свои шанси пред Штутгарт прв да го отвори резултатот, со одличниот гол што го постигна Стилер, со удар од околу 25 метри матирајќи го Мануел Нојер. Баерн успеа да се врати во вистински момент, пред самиот крај на првото полувреме откако Олис за милиметри избегна офсајд и рутински ја смести топката во мрежата на Штутгарт.
Победникот беше решен во 64. минута, Штутгарт се обиде да ја почне акцијата од сопствениот шеснаесетник, но голманот згреши при обидот за додавање, Горецка стигна прв до топката, по што од десетина метри рутински стрелаше во мрежата на домаќините.
Катастрофалното издание на дефанзивците на Штутгарт продолжи и во самиот финиш, откако почетнички загубија топка на 40 метри од својот гол, по што Коман прв стигна до неа, го мина и излезениот голман, по што немаше тешка задача да стрела прецизно за конечни 1-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

