Олимпија Милано по подолга пауза ќе биде дел од најдобрите четири екипи во Европа откако италијанскиот првак полесно од очекувањата славеше на „мајсторката“ против Баерн Минхен со 92-89. Гостите се обидоа да станат прва екипа од Германија што ќе стигне до Ф4 турнирот, направија неверојатен камбек во последната минута, имаа и напад за победа, но не успеаја да стигнат до целосен камбек.
Во главна улога беше Американецот Шилдс, кој иако не беше стартер уште во првата четвртина стигна до двоцифрен број на поени и овозможи Милано уште од самиот почеток резултатски да се одлепи. На одмор се замина со водство на италијанскиот шампион од 50-40, по што „пулените“ на Месина знаеја како да ја задржат позитивата до нешто повеќе од една минута до крајот: На 75 секунди пред крајот Милано водеше со 91-79, а потоа почна неверојатниот камбек на гостите од Минхен. Баерн постигна десет поени во низа за една минута, а по личната грешка во напад на Шилдс гостите добија и последен напад при резултат 91-89.
Болдвин тргна на положување, но Хајнс одлично го блокираше, со што изостана чудесен пресврт на гостинскиот состав, а Милано и покрај огромните компликации сепак стигна до билет за Ф4.
Шилдс со 34 и Дилејни со 16 поени го предводеа Милано во оваа победа, додека најефикасен кај Баерн Минхен беше Рејнолдс со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА