Александар Павловиќ сезонава доби шанса во првиот тим на Баерн Минхен и максимално ја искористи, наметнувајќи се како еден од клучните играчи кај тренерот Томас Тухел во вториот дел од сезонава.
Неговите одлични партии придонесоа 20-годишниот фудбалер да биде повикан од германскиот селектор за настап на ЕВРО 2024, за Павловиќ поради болест „во пет до дванаесет“ да отпадне од комбинација за европскиот шампионат. Сепак, добра утеха на новиот „бисер“ на Баерн е што денеска и официјално потпиша нов договор со баварскиот гигант, со далеку подобри услови од претходниот.
„За жал, мојот сон за ЕВРО на домашен терен беше урнат поради воспаление на крајниците, што ме направи многу тажен. Сепак, сега сум многу среќен бидејќи го продолжив договорот со Баерн до 2029 година. Укажана ми е огромна доверба и сакам да се оддолжам на вистински начин. Баерн е мојот клуб, тој ми е во срцето од најраното детство, горд сум, среќен и благодарен за се што ми се слуќува, сакам да освојувам трофеи со екипата и да напредуваме на личен план“, изјави Павловиќ по потписот на новиот договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА