Баерн има нов фаворит во потрагата по тренер

Челниците на Баерн Минхен стануваат очајни во потрага по нов тренер откако третиот стратег со кој беа во завршна фаза од преговорите на крајот реши да ја одбие нивната понуда. По Чаби Алонсо и Јулијан Нагелсман истото вчера го стори и Ралф Рангник решавајќи да остане на чело на австриската репрезентација наместо да седне на клупата на Баерн.

Раководството на баварскиот гигант е решено да ангажира нов тренер уште пред крајот на оваа сезона, а според германските медиуми сега постои нов фаворит во трката. Роберто де Зерби и претходно беше поврзуван со баварскиот гигант, но како проблем во преговорите се наведуваше инсистирањето на Италијанецот да донесе голем број на помошници со себе.

За баварците тоа било неприфатливо, но во меѓувреме и двете страни ги омекнале ставовите по ова прашање, па се подготвени за компромис. Де Зерби важи за модерен тренер што секогаш инсистира на атрактивен фудбал, нешто за што челниците на Баерн водат грижа во потрагата по наследник на Тухел. Слабите резултати на Брајтон во последно време се причината поради која и самиот Де Зерби стравува дека неговата вредност на пазарот би се намалила, па затоа и тој ги намалил барањата во преговорите со Баерн.

Се очекува разговорите да се интензивираат во следните три дена, клаузулата што би се исплатила на Брајтон не претставува никаков проблем, а ако се најде заеднички јазик договорот би можел да биде потпишан веќе во текот на следната седмица, што е исклучително важно за Баерн по серијата неуспеси во последните преговори.

Се вчитува...