Баерн ја одреди цената за Џамал Мусиала

Џамал Мусиала е новата ѕвезда на Баерн Минхен откако пред две години со гол во финишот од првото коло ја донесе шампионската титула, а лани беше една од ретките светли точки во тимот на Томас Тухел.

Сепак, баварците се соочуваат со огромен проблем да го задржат германскиот репрезентативец ако се знае дека актуелниот договор му истекува за помалку од две години, а првата рунда на разговори мина крајно разочарувачки за управата на Баерн. Имено, агентот на Мусиала барал богат бонус за потпис на договорот, но плата од 350.000 евра неделно, со што 21-годишниот фудбалер би станал и најплатен фудбалер во тимот.

Баварците стравуваат дека тоа би покренало лавина на барања за нови договори со услови слични на Мусиала, па затоа немаат намера да ги прифатат условите. Добро упатени извори тврдат дека Баерн ќе инсистира на далеку помала плата за нов договор, а доколку не биде најден заеднички јазик, веќе е утврдена и цената што баварците ќе ја бараат за својот бисер следното лето.

Огромни 140 милиони евра ќе изнесува сумата што Баерн ќе настојува да ја заработи на Мусиала во 2025 година, доколку тој следното лето влезе во последната година од договорот. Парите се огромни, но не и недостижни за европските гиганти кои имаат покажано дека знаат да го одврзат ќесето кога врвен играч ќе стане достапен на пазарот.

Пеп Гвардиола во Мусиала гледа наследник на Де Бруине, Сити може да си дозволи ваков мегатрансфер, но многу работи ќе зависат од исходот на судењето против англискиот првак, кому му се заканува дури и исфрлање од Премиер-лигата по 115-те обвиненија против тимот на Гвардиола.

Барселона и ПСЖ исто така се сериозно загреани за услугите на Мусиала, а не се исклучува можноста во трката да се вклучи Реал Мадрид, особено доколку Винисиус следното лето биде продаден во Саудиска Арабија.

Се вчитува...