Баерн крена раце од новиот германски фудбалски бисер

Баерн Минхен нема да доведе нова „деветка“ во своите редови летово откако баварскиот гигант реши да ги прекина преговорите со Штутгарт за трансферот на Ник Волтемаде. Овој млад голгетер имаше одлична сезона во дресот на „швабите“, а откако блесна и на младинското Европско првенство неговата цена дополнително порасна.

Баерн сакаше да го ангажира како резерва за Хари Кејн, постигна и договор за петгодишна соработка со самиот фудбалер, но никако не успеваше да најде заеднички јазик со Штутгарт. Откако втората понуда од 50 милиони + пет милиони како бонуси беше одбиена од челниците на Штутгарт, раководството на баварскиот гигант реши да не продолжува со разговорите и да ја зголемува сумата за младинскиот репрезентативец.

Во Баерн сметаат дека трошење на богатство на играч кој секако нема да биде стартер во сезоната 2025/26 не треба да биде приоритет, меѓу другото и верувајќи дека цената на Волтемаде би можела да се намали до наредното лето.

Сосема поинаква е ситуацијата со Луис Дијаз, каде баварците се решени да продолжат со преговори со Ливерпул за да го осигураат потписот на колумбискиот крилен офанзивец. Втората понуда во висина од над 70 милиони евра беше одбиена од англискиот шампион, но баварците не се откажуваат и ќе се обидат во текот на следната седмица да го комплетираат овој важен трансфер.

Се вчитува...