Мануел Нојер се уште не е „фит“ по повредата што ја заработи пред повеќе од четири месеци, па германскиот голман ќе го пропушти стартот на новата сезона во Бундес-лигата. Ова го соопшти тренерот на Баерн Минхен, Карло Анчелоти, на прес-конференцијата во пресрет на утрешниот дуел со Баер Леверкузен, што ќе го означи почетокот на одбраната на титулата на баварскиот гигант.
„Нојер тренираше оваа седмица со нас, работеше и индивидуално. Можеби и би можел да брани, но ние не сакаме да ризикуваме. Целта е тој да е 100% подготвен и затоа ќе продолжи да работи во следните денови. Се надевам дека ќе го имаме во тимот за следниот дуел против Вердер“ – изјави Анчелоти.
Баварците играа слабо во подготвителниот период, но искусниот стратег е оптимист дека неговиот тим ќе одговори на предизвикот уште од првиот натпревар во новата сезона.
„За мене почетокот на секоја сезона е највозбудливиот дел од годината. Како тренер секогаш ја темпирам формата за стартот, верувам дека сме подготвени и ќе бидеме на висина на задачата уште од првото коло. Баерн ја освои титулата во претходните пет сезони од Бундес-лигата, очекувам да продолжиме во ист стил и годинава“ – оптимист е Карло Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА