Дека сите очекуваа сигурна победа на Баерн Минхен во дуелот со Динамо Загреб тоа е факт, но никој не очекуваше дека „Баварците“ ќе му дадат девет гола на хрватскиот првак во првото коло во новиот формат во Лигата на шампионите. Стефан Ристовски го одигра целиот меч во Минхен, доби и жолт картон поради приговор, а Адеми последните 12 минути. Баерн во текот на целиот меч доминираше, имаше само мали проблеми откако дозволи хрватскиот тим да се врати и да дојде само до гол разлика, но набрзо работите си дојдоа на свое место. Хари Кејн е херојот на „Баварците“ откако постигна четири гола, додека проблем за тимот на Висент Компани може да биде повредата на Нојер во првиот дел.
Кејн од пенал во 19. минута од средбата го отвори резултатот, а потоа Гереро во 33. и Олисе во 38 минута го однесоа Баерн до предност од 3-0 на полувремето.
Тимот од Минхен како да беше во шок по повредата на Нојер, па дозволи да прими два гола. Најпрво Петковиќ намали, а потоа Огивара ги донесе Хрватите и до само еден гол негатива. Па дури Динамо имаше шанса и да израмни, но откако не успеа, доживеа целосна катастрофа.
Кејн во 57. минута донесе 4-2, па потоа Олисе со уште еден гол ги однесе „Баварците“ на +3. Хари Кејн од пенал во 73. минута постигна хет-трик, а веднаш потоа и одново од пенал зголеми на 7-2. Сане во 85. минута зголеми на 8-2, а потоа Горецка во втората минута од судиското надополнување се погрижи и за 9-2.
Со тоа Баерн Минхен стана првата екипа која му дала девет гола на еден противник во групната фаза во Лигата на шампионите.
Лошо почна натпреварот на „Сан Сиро“ за Ливерпул, но добро се заврши. Пулишиќ во раната фаза од мечот, уште во 3. минута донесе предност за Милан. И кога се чинеше дека се на вистински пат, Конате во 23. минута израмни, а Ван Дајк во 41. минута од средбата веднаш се погрижи за пресврт. Во вториот дел погоди и Собослаи за конечни 1-3. Милан покрај поразот има проблем што се повреди и голманот Мањан кој мораше предвреме да го напушти теренот.
Реал Мадрид добро се испоти за победата над Штутгарт. До неа стигна во финишот на мечот. По првиот дел немаше голови, а Мбапе во 20 секунда од вториот дел донесе предност за „кралевите“. Ундав во 68. минута од средбата успеа да израмни, а Ридигер на седум минути пред крајот зголеми на 2-1, за Ендрик да стави и дефинитивен печат на трите бода.
Спортинг Лисабон победнички ја стартуваше Лигата на шампионите и со 2-0 го совлада Лил. Ѓокереш во 38. минута од средбата донесе предност, а во вториот дел прекрасен гол на Дебаст за конечни 2-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА