Баерн Минхен го потпиша репрезентативецот Џонатан Тах!

Баерн го заокружи потписот со германскиот репрезентативец Џонатан Тах, кој доаѓа во Минхен како слободен играч од Баер Леверкузен.

29-годишниот централен дефанзивец потпиша договор со баварците до 30 јуни 2029 година, и ќе го носи дресот со број 4 за германскиот шампион.

„Со задоволство го пречекуваме Џонатан Тах во Баерн. Како искусен интернационалец и лидер, тој носи конзистентност и квалитет што ќе ја зајакнат нашата одбрана. Тој е вистинска добивка за нас – а исто така докажа дека може да освојува титули. Добивме играч со меѓународно искуство и квалитет, на кого нема да му треба многу време да се етаблира во нашата одбрана. Тој ќе биде добро и важно засилување за нас со неговите технички квалитети, како и со неговиот начин на однесување“ – истакна по потпишувањето на договорот, извршниот директор на Баерн, Јан-Кристијан Дрисен.

И самиот Тах не го криеше задоволството што доаѓа во редовите на германскиот шампион.

„Многу сум среќен што сум во Баерн. Сакам да преземам одговорност тука и да работам напорно секој ден за да бидеме успешни како тим и заедно да освоиме многу трофеи“ – вели Тах.

Тах, кој е роден во Хамбург, првите фудбалски чекори ги има во Академијата на Хамбургер на 13 години во 2009 година. Своето деби за првиот тим го има во август 2013 година на возраст од 17 години, пет месеци и 23 дена, што го прави најмладиот дебитант во историјата на овој клуб во тоа време. По 20 настапи како сениор, централниот бек се приклучи на Фортуна Дизелдорф на позајмица до крајот на сезоната, каде што одигра 23 натпревари, пред да потпише за Баер Леверкузен пред сезоната 2015/16. Тој одигра 402 натпревари во Леверкузен (18 гола, 13 асистенции) и ја освои двојната круна (Бундеслигата и Купот на Германија) во 2024 година, како и Суперкупот.

За репрезентацијата на Германија, Тах дебитираше во март 2016 година и беше дел од Европските првенства во 2016 и 2024 година, одигрувајќи вкупно 35 настапи. Претходно беше капитен на националните селекции до 19 и до 21 година.

Се вчитува...