Баерн Минхен како казнена експедиција за Штутгарт

Баерн Минхен го одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава, славејќи лесно и убедливо со 3-0 над Штутгарт. „Швабите“ традиционално важат за незгоден ривал, но избраниците на Тухел овојпат доминираа од почеток до крај, а гостите можат да бидат среќни што си заминаа дома со само три гола во мрежата.

Триумфот беше најавен веќе во 2. минута на „Алијанц Арена“, откако Баерн украде топка на половината од теренот и ја упати напред кон Сане, кој го проигра Хари Кејн за почетно водство од 1-0. Баварците постигнаа уште два гола во првото полувреме, преку Ким и Милер, но двата беа поништени поради минимални офсајди.

Шампионот продолжи со доминантна игра и во вториот дел, најпрвин Кејн со својот 20. овосезонски погодок зголеми на 2-0, пред на 3-0 да зголеми Ким.

За одбележување е одличното издание на младиот Павловиќ, кој денеска доби шанса како последен играч за врска на местото на Кимих и со две асистенции беше меѓу најдобрите поединци на натпреварот.

Се вчитува...