Давид де Хеа се надеваше дека без проблем ќе најде нов ангажман по заминувањето од Манчестер Јунајтед, но шпанскиот чувар на мрежата има се помалку опции. Реал Мадрид го избра Кепа пред него, а од денеска стана јасно дека следна дестинација на Де Хеа нема да биде ниту Баерн Минхен, откако германскиот првак ги прекина преговорите со овој искусен чувар на мрежата.
Баерн беше во потрага по нов чувар на мрежата по компликациите со камбекот на Мануел Нојер, а по преговорите со неколку врвни голмани на крајот се чинеше дека изборот ќе падне врз Де Хеа, со кого начелно беа договорени и личните услови.
Денешниот ден донесе пресврт во ситуацијата, откако трансфер-комитетот на баварскиот гигант реши целосно да ги смени приоритетите. Конкретно, Баерн не планира да доведе голман од највисока класа летово, туку шанса на стартот од сезонава ќе добие искусниот Улрих. Баварците ќе доведат нов чувар на мрежата, но само како резерва за Улрих, некој кој потоа би бил задоволен и како трет голман во гигант како Баерн кога Нојер ќе се врати.
Германските медиуми сметаат дека пресвртот се должи на позитивните прогнози околу Нојер, кој за околу еден месец би можел да застане на голот, а Баерн не сака да создава непотребна конкуренција за улогата прв голман, па затоа и дефинитивно нема да го потпише Де Хеа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

