Датумот 27 февруари останува запаметен во историјата на светскиот фудбал како ден на формирање на еден од најголемите клубови во Европа – Баерн Минхен. Токму на 27 февруари 1900 година единаесет членови на фудбалската секција од минхенскиот клуб во гимнастика, предводени од Франц Џон, решиле да формираат сопствен клуб, давајќи му го името „Fußball-Club Bayern München“.
Историјата вели дека за неколку месеци Баерн почнал убедливо да ги декласира своите локални ривали, славејќи и со 15-0 над тимот на Нордстерн, како почеток на патот кон врвот, најпрвин на германскиот, а потоа и на европскиот и светскиот фудбал.
Баварците во својата историја имаат 26 титули во Бундес-лигата и уште 18 пехари од Купот на Германија. Пет пати оваа екипа била европски првак, а два пати се закитила и со епитетот светски клупски шампион.
Мора да се истакне дека во премиерната сезона на Бундес-лигата, онаа во 1963/64, во елитното друштво немаше место за Баерн. Овој клуб имаше една титула наспроти три на градскиот ривал Минхен 1860, па „лавовите“ добија предност. Тоа беше почеток на ерата на Франц Бекенбауер, Сеп Мајер и Герд Милер, кои за неколку години не само што доминираа во Бундес-лигата, туку во 1967 година стигнаа и до првата титула во Купот на Европските Шампиони.
Фудбалската величина на Баерн Минхен е добро позната, но мора да се истакне дека баварскиот гигант е клуб за пример кога станува збор за општествената одговорност. Херта, Дармштад, Офенбах, па дури и големиот ривал Борусија Дортмунд, се меѓу 15-те германски клубови кои добиле директна финансиска помош од Баерн кога се соочувале со финансиска криза. Донации редовно се исплаќаат за погодените од природни катастрофи ширум Германија, а баварскиот гигант дури и организираше бесплатни часови по германски јазик за бегалците кои во огромен број пристигнаа во оваа земја во последните две години.
Баерн Минхен е клуб за пример во целиот свет, но на денешен ден им се оддава почит на единаесетте момчиња што пред 117 години храбро истапиле со идеја – да формираат нов клуб, клуб кој сега е страв и трепет ширум фудбалска Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА