Баерн Минхен ја продолжува потрагата по нов тренер, јасно е дека управата сака што поскоро да го реши ова болно прашање, но тоа се покажа дека нема да биде нималку лесно. Откако беа одбиени од неколку врвни стратези, баварците сосема неочекувано погледите ги насочија кон Премиер-лигата, и тоа кон тренер кој сезонава испадна од елитното англиско фудбалско друштво.
Станува збор за Винсен Компани, долгогодишниот белгиски репрезентативец кој почна тренерска кариера како предводник на Барнли. Компани најпрвин го внесе Барнли во Премиер-лигата, но таму се задржа само една сезона и експресно испадна од елитното друштво. Без оглед на ваквите резултати, Белгиецот важи за стратег што може да биде идна тренерска ѕвезда, а баварците се подготвени да го доведат на „Алијанц Арена“.
Преговoрите со неговиот агент почнале пред два дена, а Компани не крие дека со задоволство би прифатил да седне на клупата на европски гигант каков што е Баерн. Белгиецот заминал на одмор веднаш по крајот на сезоната, но подготвен е да отпатува веднаш за Германија на директни разговори со клупските челници, по што ако биде најден заеднички јазик би бил потпишан договор на две сезони. Компани се уште е под договор со Барнли, но Баерн е подготвен да плати отштета за да го доведе овој стручњак на „Алијанц Арена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА