Баерн Минхен е на прагот да остане без шампионскиот трофеј во Бундеслигата по десет последователни години доминација. Баварците дефинитивно се разочарување на сезоната, но не поради лошата игра на теренот, туку катастрофалните потези на раководството на клубот.
На средина од сезоната германскиот гигант се одлучи на промена на тренерското место од каде отказ доби Јулијан Нагелсман, а него го наследи Томас Тухел и оттука работите тргнаа во надолна линија. Баерн Минхен беше елиминиран од Купот на Германија, претрпе убедлив пораз во двомечот со Манчестер Сити во Лигата на Шампионите, а со оглед на заостатокот од два бода на коло до крајот на Бундеслигата единствениот трофеј во сезоната ќе биде оној од самиот почеток во Суперкупот.
Сезоната за заборав ќе има и „трето полувреме“ ова лето со заминувања на дел од раководството. „Шут карта“ ќе добие и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ, покрај генералниот директор Оливер Кан, а главен збор во реконструцијата ќе има почесниот претседател на клубот Ули Хенес, објавуаат сега германските медиуми.
Веќе почнаа и шпекулациите за замената на Салихамиџиќ. Според „Скај Спортс“ тоа ќе биде Аријен Робен, легендарниот холанѓанец кој десет години настапуваше за Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

