И покрај вчерашните информации на „Билд“ дека Баерн Минхен го суспендирал мароканскиот репрезентативец Нусаир Мазрауи со можност и за целосен отказ поради неговата објава на Инстаграм поврзана со војната на Блискиот Исток која предизвика револт кај еврејската заедница во Германија, сепак од редовите на германскиот шампион со демант на истото.
Од Баерн Минхен, преку официјално соопштение информираат дека заеднички со Мазрауи го осудуваат нападот на Хамас над Израел и теророт врз невини цивили, со осуда и на секаков тип на тероризам и терористички организации.
„Мазрауи веродостојно не увери дека, како мирољубив човек, тој решително ги отфрла теророт и војната. Тој се кае ако неговите објави предизвикаа иритација. Баерн го осудува нападот на Хамас врз Израел“ – вели Јан-Кристијан Дресен, извршен директор на Баерн.
Со свој став се огласи и самиот Мазрауи, кој истакнува:
„Го осудувам секој тип на тероризмот, и ја осудувам секоја терористичка организација. Решително се спротиставувам на блискоисточниот конфликт и било какво насилство во Германија, која се залага за мир. Омразата и насилството од секаков вид немаат место во културата на живеење на Германија“.
Од Баерн во своето соопштение истакнуваат дека се и на страната на еврејската заедница во Германија и на страната на Израел затоа што ништо не го оправдува убиството на деца и семејства.
„Убедени сме дека фудбалот треба да ја развие својата моќ на балансирање меѓу различните култури, особено во најтешките моменти. Нусаир Мазрауи ќе остане во тимот на Баерн, но моментално е надвор од терените поради повреда што ја заработи на натпреварот со репрезентацијата на Мароко“ – се вели во соопштението од германскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

