Баерн остана без Лукас Хернандез до крајот на 2019

Германскиот првак Баерн Минхен победи на гостувањето против Олимпијакос (2-3) во Лигата на шампионите, но плати голем „данок“ со повреди на фудбалерите. Дефанзивецот Лукас Хернандез заработи сериозна повреда на скочниот зглоб, го напушти стадионот на патерици, а според лекарскиот тим на баварскиот клуб, тој нема да може да се врати на теренот до крајот на 2019 година. Ова ќе биде уште еден проблем повеќе за тренерот Нико Ковач, кој постојано се соочува со отсуства, посебно во дефанзивниот ред.

На повреда се пожалија и Хави Мартинез и Серж Гнабри, но се очекува тие многу побрзо да се вратат на терените.

„Лукас Хернандез имаше силни болки и треба да се види колку се оштетени лигаментите на скочниот зглоб. Хави Мартинез почувствува болка во бутниот мускул, а Серж Гнабри исто така пријави дека има болки во текот на мечот“, изјави тренерот Нико Ковач.

Баварскиот тим има максимални девет бода по три одиграни кола во групата Б од Лигата на шампионите.

Се вчитува...