Баерн остана без тројца првотимци по мечот со Аталанта

Баерн Минхен славеше убедливо со 1-6 над Аталанта, но триумфот во Бергамо беше скапо платен ако се знае дека тројца првотимци заработија повреди и сега ќе мора да минат извесен период надвор од терените.

Алфонсо Дејвис конечно се врати по повредата, но канадскиот лев бек дефинитивно нема среќа сезонава, го повреди мускулот на десната нога и ќе мора да паузира најмалку три седмици.

Голманот Јонас Урбиг бранеше одлично, но пред самиот крај се здоби со удар во главата, по што беше утврден потрес на мозокот. Урбиг ќе мора да отсуствува најмалку десет дена, проблем е што е повреден и првиот голман Мануел Нојер, па на претстојното дерби со Баер Леверкузен најверојатно ќе мора да брани искусниот Улрих, иако и тој подолго време се мачи со повреда.

Џамал Мусиала исто така побара да биде заменет, повредата на германскиот офанзивец не се смета за премногу сериозна, но сепак лекарите препорачаа мирување од седум дена бидејќи станува збор за болка на скочниот зглоб што беше опериран минатото лето по што Мусиала отсуствуваше шест месеци од терените.

Ова трио ќе го пропушти дербито со Баер Леверкузен, како и реваншот со Аталанта во Минхен, меч на кој тренерот Компани поради суспензии нема да може да смета ниту на Кимих и Олис.

Се вчитува...