Баерн Минхен влезе во победнички ритам пред мартовската репрезентативна пауза, но пред управата на баварскиот гигант е огромен предизвик – да биде донесен врвен тренер за наредната сезона со кој овој тим ќе атакува на сите можни трофеи.
Последните информации од Германија говорат дека Баерн веќе почнал разговори со еден од главните кандидати за функцијата, но тоа не е Чаби Алонсо. Шпанецот останува прва желба на најтрофејниот германски клуб, но челниците на Баерн се свесни дека тој многу лесно може да го избере Ливерпул, па ги разгледуваат и останатите опции.
Токму затоа во последните десетина дена веќе е воспоставен контакт со Роберто де Зерби, стратег што со офанзивната филозофија е атрактивен за раководството на Баерн. Веќе се водени и неколку рунди раговори меѓу челниците на клубот и актуелниот менаџер на Брајтон, кој не ја крие желбата да го прифати големиот предизвик и да се пресели на „Алијанц Арена“.
Клаузулата од 10 милиони евра за раскин на неговиот договор со Брајтон не би претставувала никаков проблем ако се знае дека Баерн е подготвен да плати уште повисока сума за да го откупи Алонсо од Баер Леверкузен. Германските медиуми најавуваат дека Чаби до крајот на април ќе донесе одлука за својата иднина, а доколку тој реши да ги одбие баварците тогаш Де Зерби ќе биде избраниот стратег за наследник на Томас Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА