Јулијан Нагелсман во текот на денешниот ден и официјално ќе добие отказ од Баерн Минхен, по што веднаш ќе биде обелоденето и дека Томас Тухел потпишал договор на две и пол сезони со баварскиот гигант.
Германската јавност не ги спори квалитетите на Тухел, но сепак остро го критикува односот на раководството на Баерн кон Нагелсман, кому воопшто не му било најавено дека во оваа репрезентативна пауза ќе биде отпуштен, туку веста ја дознал додека се наоѓал со својата девојка на скијање во Австрија.
„Отказот е доделен на катастрофален начин, со тотален недостиг на стил и класа, гест што апсолутно не е достаен за клуб како Баерн. Не може Нагелсман во четвртокот навечер да дознава дека е отпуштен од новинарите, беше еднакво изненаден како и играчите. По поразот од Леверкузен заминал на неколку дена на скијање, да ги наполни батериите за дербито со Борусија, а додека тој го правел тоа целата управа му го свртела грбот. И не само тоа, челниците со денови наназад разговарале со Тухел, кој се преселил во Минхен чекајќи што поскоро да седне на клупата на Баерн“, критичен беше „Спорт1“ за односот на Хасан Салихамиџиќ кон сега веќе поранешниот тренер на баварскиот гигант.
Воедно, истиот медиум открива и дел од причините за заминувањето на Нагелсман од клупата.
„Причини секако постоеја. Резервите цело време се жалеа дека не играат доволно, дека Нагелсман им ветува работи што никогаш не ги исполнува. Незадоволни беа и клучните играчи, „сенаторите“ се жалеа дека тренерот нормално разговарал само со Кимих, а останатите ги игнорирал колку што можел. Воедно, тој ги критикуваше самите фудбалери по поразот од Борусија Дортмунд, па следеше и поразот во Леверкузен. Сето ова се добри причини, но начинот на кој разделбата беше официјализирана е катастрофален“, пишува Спорт 1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

