Баерн Минхен не може да го чека повеќе Алексис Санчез. Раководството на германскиот првак се откажува од намерата да го доведе Чилеанецот и наместо него ќе се обиде да го ангажира Јаник Караско од Атлетико Мадрид. За Санчез ова претставува значително намалување на опциите, па тој сега или ќе остане во Арсенал, или пак ќе тргне по чекорите на поранешните „топчии“ како Насри, Сања, Клиши, кои домот на Арсенал го заменија со оној на Манчестер сити.
Анчелоти не крие дека е фан на Караско и го смета за наследник на Даглас Коста, кој пак по две сезони во дресот на Баерн е на излезна врата, откако го загуби местото во првиот тим. 23-годишниот белгиски репрезентативец има клаузула од 100 милиони евра, но секако дека Баерн нема намера да плати толку, па се надеваат дека челниците на „Јорганџиите“ ќе побараат разумна цена (околу 50 милиони евра). Сепак, шансите за овој трансфер исто така се мали со оглед на фактот дека Атлетико ќе настојува летово да не ги продава своите најдобри фудбалери, бидејќи поради трансфер-забраната не може да донесе адекватни замени.
Баерн Минхен досега имаше работливо лето. Гермаскиот првак веќе потроши нешто повеќе од 90 милиони евра за четири нови засилувања уште на стартот на преодниот рок. На „Алијанц арената“ пристигнаа Никлас Суле и Себастијан Руди од Хофенхајм, Серж Гнабри од Вердер Бремен, а последното засилување пристигна од Лион за 40 милиони евра, Корентин Толисо, кој ќе го наследи пензионираниот Чаби Алонсо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА