Роберт Левандовски ќе почне да ги пакува куферите во Минхен уште пред СП 2018, откако раководството на Баерн го промени ставот и реши да го продаде својот најдобар голгетер. Иако баварскиот гигант најпрвин тврдеше дека нема шанси да го продаде Полјакот, ситуацијата се промени по конфликтот што Левандовски го имал со тренерот Хејнкес за време на последниот меч против Келн.
Според германските медиуми Хејнкес, иако не останува на клупата по крајот на сезонава, јасно ставил до знаење дека полскиот ас би можел сериозно да ја наруши атмосферата во тимот доколку не му биде исполнета желбата за заминување. Баварците сметаат дека сега е идеално време да ја наплатат продажбата на Полјакот кој дојде како слободен играч од Борусија Дортмунд. Впрочем, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и Челси сите покажаа интерес за овој ас, поради што челниците на Баерн се убедени дека можат да заработат над 100 милиони евра од неговата продажба.
Тие пари веднаш би биле реинвестирани во нов врвен играч, помлад од 29-годишниот Полјак. Пауло Дибала е името што најчесто се поврзува со Баерн, а покрај голгетерот на Јувентус баварскиот гигант се интересира и за Антони Марсијал од Манчестер јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА