Бајиќ без клучни играчи за крајот на квалификациите

Македонскиот селектор Драган Бајиќ се соочува со нови проблеми со составот на кошаркарската репрезентација на Македонија пред завршните средби од квалификациите за СП 2024, гостувањето во Шпанија на 1 јули и домашниот меч со Украина три дена подоцна.

Речиси сигурно е дека Бајиќ нема да може да смета на Ненад Димитријевиќ, кој се пожалил на ситна повреда и ќе го прескокне јулскиот собир. Многу веројатно е дека Димитријевиќ уште долго нема да го носи дресот на националниот тим, со оглед на фактот дека неговиот тим Валенсија доби вајлд-карта за учество во Евролигата, а кошаркарите од елитното европско натпреварување најчесто имаат забрана од клубовите за настап за репрезентациите во текот на сезоната.

Американецот Вајли исто така нема да биде во составот, откако се пожалил на повреда. Вајли веќе обезбеди трансфер во далечната Јапонија, па многу извесно е дека тој веќе нема да настапува за националниот тим, а во најскоро време ќе треба да биде избран и нов натурализиран играч кој од наредниот квалификациски циклус ќе биде дел од репрезентацијата.

Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски воопшто не се дел од списокот на Бајиќ, а мали шанси за настап му се даваат и на Бобан Стајиќ, кој влече незгодна повреда на тетивата по долгата и исцрпувачка сезона со Пелистер.

Се вчитува...