Кошаркарската репрезентација на Македонија доби одлична група во претквалификациите за Евробаскет 2025. Веќе за нешто повеќе од еден месец, Македонија почнува со нов предизвик преку настапите во „Д“ групата од вториот круг на претквалификациите во друштво на Словачка, Данска и Норвешка.
Само најдобриот тим по шест одиграни мечеви во три ФИБА „прозорци“ ќе помине понатаму – во квалификациите за Европското првенство.
„Кои се првите впечатоци после ждрепката? Би рекол доста непознати“ – вели селекторот Драган Бајиќ околу тоа што не очекува во претквалификациите и дополнува:
„Навистина, Словачка ни е добро позната, игравме со нив во минатиот циклус од претквалификациите за Светскиот куп. За другите две репрезентации може да се каже дека се непознати за нас. Данска имаше некоја улога во претходните квалификации, и доста работи зависат од тоа каков ростер ќе има нивниот селектор на располагање. Во разговор со некои мои колеги кои имаа прилика да играат против нив, говорат дека се базираат на брза игра, на една брза кошарка, со доста шутеви кон противничкиот кош. Норвешка, исто така доста непозната, но ќе имаме време да се запознаеме и со нив. За нас е важна работа добро да се подготвиме за првиот “прозорец’. Да се јават на повикот што поголем број на кошаркари. Односно да бидеме комплетни, затоа што само така, мислам дека можеме да бидеме конкуретни“ – коментира селекторот по формирањето на претквалификациските групи за ЕП 2025.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА