Бајката ќе заврши каде што започна: Ди Марија се врати во првиот клуб од кариерата

Огромен е бројот на фудбалските суперѕвезди кои низ кариерите изјавуваат дека сакаат за крај да заиграат повторно за клубот каде го почнале патот кон славата.

Анхел ди Марија е еден од ретките кои може да се пофали дека тоа дадено ветување и го остварил, откако аргентинската легенда денеска и официјално го комплетираше трансферот во Розарио Централ, аргентинскиот клуб каде ја почна својата блескава кариера.

Интересно, тој во 2007 година од Розарио Централ потпиша за Бенфика, а сега, 18 години подоцна, токму по истекот на договорот со Бенфика се врати назад во овој аргентински клуб.

„Колку е прекрасно да се биде назад дома. Колку е голема радоста да се исполни овој сон. Да живеам во нашиот сакан град Розарио и повторно да го облечам дресот на Розарио Централ. Денеска ми е еден од најсреќните денови во животот“, објави Анхел ди Марија, крај фотографија од него со семејството, сите облечени во дресови на новиот клуб.

Се вчитува...