Џек Сок го победи Алекс Зверев и се пласираше во полуфиналето од завршниот турнир во Лондон, продолжувајќи ја својата бајка што почна со првата мастерс-титула освоена пред петнаесетина дена во Париз.
Американецот вечерва во супер-драматичен дуел успеа да го скрши отпорот на германскиот ривал, и тоа дури во третиот сет кој беше преполн со пресврти. Сок го доби првиот сет со 6-4, но веднаш потоа Зверев одговори со импресивна игра, славејќи во вториот дел со 1-6.
Зверев стигна до брејк за водство од 1-0 во решавачкиот сет, за потоа Сок да освои четири гејма во низа. Германецот не се предаде, туку израмни на 4-4, но потоа во решавачките моменти Зверев направи двојна сервис грешка, проследена со неизнудена грешка, за конечна победа на Сок во третиот сет од 6-4.
Следен противник на Џек Сок ќе биде Григор Димитров, кој без оглед на резултатите од утрешните дуели ќе го освои првото место во втората група.
Во првиот меч на денешната програма Роџер Федерер го совлада Марин Чилиќ со 2-1 во сетови, за своја трета победа во низа во Лондон. Швајцарецот за противник во полуфиналето ќе го има подобриот од утрешниот дуел Гофан – Тием.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА