Поранешниот американски кошаркар и тренер Бајрон Скот е обвинет за силување. Инцидентот во кој е вклучен Бајрон Скот за сексуалниот напад на 15-годишно девојче е од 1987 година, пренесува „Дејли меил“.
Бајрон Скот е обвинет за сексуален напад, сексуална злоупотреба, незаконско лишување од слобода и намерно предизвикување емоционална болка на Хејли Дилан, која во тоа време била 15-годишна ученичка.
Таа одлучи да го открие својот идентитет, наместо да остане анонимна.
„Нашиот клиент е ужаснат од обвинението. Тој во 1987 година верувал и знаел дека девојката има повеќе од 18 години и нема поим зошто некој би тврдел поинаку 35 години подоцна. Тој ги почитува жените, девојките, вели дека е шокиран од ова, како и неговото семејство“ – изјави адвокатката на Бајрон Скот, Линда Бауермајстер.
Бајрон Скот имаше богата играчка кариера во која беше трикратен шампион на НБА со ЛА Лејкерс, каде играше од 1983 до 1993 година.
Потоа беше член на Индијана Пејсерс две години, потоа на Ванкувер Гризлис една, пред да се врати во Лејкерс за уште една сезона и да ја заврши кариерата во 1998 година во Панатинаикос.
Како тренер, тој работеше за Сакраменто Кингс, Њу Џерси Нетс, Њу Орлеанс, Кливленд Кавалирс и Лос Анџелес Лејкерс, а во 2008 година беше тренер на годината кога ги водеше Хорнетс од клупата, а еден од играчите на тимот беше Пеѓа Стојаковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

