Протестите до арбитрите по завршувањето на натпреварот меѓу Јувентус и Милан скапо ќе го чинат Карлос Бака, откако голгетерот на „росонерите“ заработи суспензија од страна на Италијанската Фудбалска Асоцијација.
Колумбиецот беше бесен на судијата Маса поради досудениот пенал за Јуве во 95. минута, па мораше да биде тргнат од страна на тренерот Монтела за да се упати кон соблекувалните. Сепак, однесувањето на Бака влегло во судискиот записник, па денеска беше обелоденето дека тој „поради јавно критикување на судијата и агресивен однос“ ќе мора да паузира на следниот меч на „росонерите“ во Серија А. Покрај суспензијата, Бака заработи и парична казна од 10.000 евра.
Суспензија од еден натпревар заработи и Хозе Соса поради црвениот картон во финишот од дербито во Торино, а за следниот дуел со Џенова тренерот Винченцо Монтела нема да може да смета ниту на Ромањоли, кој собра пет жолти картони сезонава.
Покрај тројцата фудбалери на Милан, средбите од 29. коло во Серија А поради суспензија ќе ги пропуштат и: Нена Томовиќ (Фиорентина), Јасмин Куртиќ (Аталанта), Бруно Енрике (Палермо), Адам Масина и Василис Торосидис (Болоња), Емилијано Вивијано (Сампдорија, Сергеј Милинковиќ – Савиќ (Лациоо), Николас Бурдисо (Џенова) и Алесандро Бруно (Пескара).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА