„Бактерија за два дена му го зеде животот на Антиќ“

Синот на Радомир Антиќ, Душан, во разговор за „Кадена Сар“ говореше за последните денови од животот на прославениот тренер, кој минатата седмица почина во Шпанија на 71-годишна возраст. Трофејниот стратег подолго време се бореше со камен во жолчката, но ситуацијата не му била драматично влошена се до последните денови пред смртта.

„Сите знаевме дека е болен, но не делуваше дека е многу сериозно. Состојбата му се подобруваше, а потоа во болница закачи некоја бактерија. Два дена подоцна, веќе не беше меѓу нас. Би сакал јавно да се заблагодарам на сите оние кои ни испратија пораки со сочувство и поддршка во овие моменти, не само навивачи, туку и обични луѓе, кои говореа само со најголеми суперлативи за мојот татко“, истакнува Душан Антиќ.

Неочекувано, еден од повиците до синот на трофејниот тренер бил од претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

„Не помислував дека ќе ми се јави и Флорентино Перез, кој ми вети дека татко ми ќе добие почест на „Сантијаго Бернабеу“ за она што го направи за Реал Мадрид. Ми се јави и Емилио Бутрагењо и уште многу луѓе кои беа блиски со мојот татко низ годините, па претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ни испрати телеграма“, открива синот на Радомир Антиќ.

Се вчитува...