Македонците, Срби, Хрвати и Босанци на едно место во Виена. Како каде, па на „Балкан Штрасе“, делот од австриската метропола што важи за „Балкан во мало“, каде се пие пиво со „сараевски ќебапи“ и „српски роштиљ“ и се гледа спорт. И се навива за „нашите“, во зависност од тоа која екс-ју република игра, без разлика во кој спорт. Ете, зимава се погоди во групата Б да е само Македонија, па сите обединето ги бодрат „црвено-жолтите“, бидејќи „јужната покраина“ од старата држава секако ја чувствуваат поблиска од Чешка, Украина, па дури и од Австрија, државата каде животот ги има донесено.
„Шта урадисте Македонци, па није ово хокеј па да вас Чеси онако пребију“, се првите коментари на луѓето со кои веќе се запознавме и кои знаат од која екс-ју покраина доаѓаме.
И што да одговори човек, освен: „Крив е масерот“. “Како масер, побогу“, ќе прашаат, но следниот одговор е рафално спремен: „Па он требаше да му шепне на селекторот како ќе игра Чешка. Помогна против Украинците, потфрли против Чесите“.
Ние сме единствена репрезентација каде вината не е кај селекторот за ненаоѓање решение, не е кај голманите за четири интервенции за 60 минути, ниту кај бековите кои со години се дел од репрезентацијата, а упорно варираат во формата како да се тинејџери. Затоа, крив е масерот. Што е право, човекот се моткаше околу противничката клупа, се обиде пак да дојде до инфо „од прва рака“, но имаше мака – не знаеше чешки.
Туку, што правиме сега, утре на „менито“ ни е Австрија. Опции имаме две, или Диме да оди на забрзан курс по германски, или да најдеме и втор масер, едниот за масирање, другиот за „шепкање на селекторот“. За тоа работно место има многу кандидати токму на „Балкан Штрасе“, што знаат и разбираат ем германски ем македонски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА