Македонија и македонскиот спорт денеска се збогуваат со едно од најголемите фудбалски имиња во својата историја, Кирил Дојчиновски. Но, се збогува и Балканот и сите оние фудбалски колективи кои беа тесно поврзани до легендата на македонскиот фудбал.
Емотивна порака, потсетувајќи се и на своето последно интервју со Дочиновски, испрати и белградска Црвена Звезда каде македонската легенда настапуваше од 1967 до 1974 година, достигнувајќи ја својата најголема фудбалска слава.
„ФК Црвена Звезда со голема жал ја информира јавноста дека уште едно големо фудбалско име не напушти засекогаш, Кирил Дојчиновски кој не напушти во 79-та година од животот“ – се вели во пораката од Црвена Звезда испратена со биографското видео за Кирил Дојчиновски.
FK Crvena zvezda sa velikim žaljenjem obaveštava javnost da nas je još jedno fudbalsko ime zauvek napustilo, a reč je o Kirilu Dojčinovskom koji je preminuo u 79. godini života.
🔴⚪️#fkcz pic.twitter.com/B0xZSAY8kc
— FK Crvena zvezda (@crvenazvezdafk) August 10, 2022
Последно збогум за македонската легенда испратија и од Фудбалската федерација на Македонија, како и од ФК Брегалница каде Дојчиновски беше тренер во три наврати, а последен пат во сезоната 2005/06 кога штипјани се изборија за прволигашки статус.
„Легендите никогаш не умираат. Од името на целокупниот колектив на ФК Брегалница, и сите верни навивачи на штипските „сини“, искрено сочувство до семејството на Кирил Дојчиновски кој засекогаш ќе остане дел од фудбалски Штип!“ – се вели во пораката од ФК Брегалница.
А, од Кирил Дојчиновски се збогуваат и голем број македонски фудбалски работници…
„Еден од најголемите македонски фудбалери и тренери. Пред се, прекрасна личност и голем Човек. Сочуство до најблиските“ – е пораката од поранешниот македонски селектор и тренер на Вардар, Зоран Стратев.
„Човечиште во секој поглед. Големо сочувство“ – напиша поранешниот генерален секретар на МОК, Зоран Гапиќ.
„Ја имав таа чест да ми биде тренер. Големо сочувство“ – вели во својата порака Јорде Георгиевски, поранешниот репрезентативен голман, и чувар на мрежата на Вардар во сезоната 2007/08 кога Дојчиновски беше на клупата на црвено-црните.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА