Балканските медиуми се воодушевени од новиот стадион на ФК Пелистер. Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола кој е со капацитет од 9.000 седишта, сега е едно од најубавите фудбалски изданија, секако во Македонија, но и на Балканот, пишува босанскиот „Спортспорт“.
„Македонија беше меѓу првите што почна да гради стадион, поточно, го реновираа стадионот „Тоше Проески“ во Скопјe. Сега стадионот „Петар Милошевски“ во Битолa, кој е дом на Пелистер, денес е еден од најубавите стадиони во Македонија, но и на Балканот. Стадионот имаше реновирање кое траеше девет години, од 2015 до 2024 година, а централната трибина, која беше изградена според сите стандарди на УЕФА, доби посебен изглед“ – пишува босанскиот медиум.
Централната трибина има капацитет од околу 4.500 седишта, а втората трибина има капацитет од околу 4.000 седишта. Декорирани беа двете трибини, поставени беа нови столчиња, направени беа клупи за фудбалери и тренери, направени беа нови ВИП ложиња, како и прес-ложиња. Исто така, стадионот, со финансиска поддршка на ФФМ, доби ново и посилно осветлување на рефлекторите, како и нова табла за резултати и нови соблекувални кои беа направени според посебните стандарди на ФИФА.
Популарниот стадион „Под Тумбе кафе“, како што претходно беше препознатлив во поранешна Југославија, е изграден уште во 1937 година. Првото реновирање го имаше во 1980 година, а потоа, од 2015 до 2024 година, следеше целосно реновирање на стадионот.
Денес е со капацитет од 8.587 седишта, а интересно е што рекордот на стадионот беше срушен во март 1991 година, кога на дуелот меѓу Пелистер и Хајдук во Купот на поранешна Југославија присуствуваа 9.700 гледачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

