Балотели е пред трансфер во Романија

Марио Балотели е на добар пат да реализира нов трансфер во кариерата, со што проблематичниот голгетер би се преселил во шести различен клуб во последните пет години. Романија би требало да биде следната дестинација на „Супер Марио“, откако Рапид Букурешт покажа сериозен интерес да го доведе Балотели во своите редови и преговорите се многу блиску до успешна завршница.

Како што јавуваат романските медиуми, италијанскиот голгетер инсистирал на бонус од еден милион евра при самиот потпис, услов што Романците го прифатиле, па сега останува уште да се договорат одредени детали околу платата, по што Балотели би потпишал двогодишен договор со Рапид. Тренер на овој тим е поранешниот романски репрезентативец Адриан Муту, кој самиот барал токму Балотели да биде доведен како лидер на нападот за наредната сезона.

За потсетување, Марио Балотели од почетокот на сезонава настапува за швајцарски Сион, каде пристигна од турскиот прволигаш Аданаспор. Тој добро ја почна сезоната, но по серијата повреди влезе во голгетерска криза, па има постигнато само еден погодок од ноември, доволна причина за Сион да не му го продолжи договорот што истекува на крајот од сезонава.

Се вчитува...