Контроверзниот Марио Балотели секогаш го привлекува вниманието на јавноста со своите урнебесни изјави. Напаѓачот овој пат откри дека воопшто не ги следел натпреварите на италијанската репрезентација на Европското првенство бидејќи бил „повреден“ што не бил дел од тимот.
Италијанците го освоија Европското првенство во 2021 година, победувајќи ги Англичаните на пенали во Лондон. Се чини дека Италија беше навистина најдобриот тим во текот на целиот турнир, иако Марио Балотели изјави дека го знаел рецептот како „аѕурите“ можеле да бидат уште подобри.
„Не ја следев Италија за време на Европското првенство, боли да ги гледам натпреварите на мојата репрезентација а јас да бидам изоставен од тимот. Тие го освоија трофејот без мене и сосема го заслужија тоа. Секако, да бев дел од селекцијата, Италија ќе го добиеше трофејот уште полесно“, изјави Балотели.
Марио за „аѕурите“ нема играно од 2018 година, но во последните месеци е дел од репрезентацијата и постојано се наоѓа на поширокиот список кај селекторот Роберто Манчини.
„Премногу го сакам Роберт Манчини и тој не заслужува ништо слично на тоа што му се случи во минатото. Разговараме често и тој секогаш ми вели дека работам напорно и се трудам да напредувам во некои нови аспекти. Нема сомнение дека моето место е во репрезентацијата, сигурен сум дека укажаната доверба ќе ја оправдам против Македонија“, потенцираше Балотели.
За потсетување, Марио Балотели сезонава настапува за турскиот прволигаш Адана, за кој одигра 20 натпревари, притоа постигнувајќи осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА