Балотели по стапките на Бекам, Џерард, Ибрахимовиќ…

Епизодата на Марио Балотели во Бреша ќе заврши предвреме по конфликтот што голгетерот го имаше со претседателот Челино. Сега не само што не станува збор за нов договор, туку Балотели одбива да тренира, а Челино се заканува со предвремен раскин, опција што се чини најповолна за сите ако се знае дека „Супер Марио“ веќе има обезбедено и нов клуб.

ЛА Галакси и минатото лето се интересираше за проблематичниот голгетер, но тој тогаш реши да се врати во татковината по француската авантура во Ница и Олимпик Марсеј. Сепак, Американците не се откажуваат и неодамна повторно го контактирале агентот на Балотели, Мино Раиола. Финансиските детали се опишуваат како многу привлечни, а во ситуација кога нема подобра понуда од европски клуб италијанскиот голгетер е подготвен за преселба преку Атлантикот.

ЛА Галакси е клуб познат по тоа што инвестира милионски суми во европски „ѕвезди“, досега боите на оваа екипа ги бранеле Дејвид Бекам, Стивен Џерард и Златан Ибрахимовиќ, а како што стојат работите во новата сезона од МЛС-лигата тоа ќе биде случај и со Марио Балотели.

Се вчитува...