Сапуницата околу тоа каде Марио Балотели ќе ја продолжи кариерата по заминувањето од Ница конечно заврши откако италијанскиот напаѓач ги договори условите за преселба во Олимпик Марсеј. Францускиот клуб беше фаворит во оваа трка, но во последен момент во неа се вклучија Вест хем и Сасуоло, по што Балотели побара уште 24 часа пред да ја донесе одлуката.
И на крајот реши – да се пресели на „Велодром“, но само до крајот на сезонава, а за следните пет месеци минати во Марсеј да заработи три милиони евра. Потоа, во зависност од успешноста на соработката ќе се преговара за подолгорочен договор, но и ќе му овозможи на „Супер Марио“ да разгледува и други опции за продолжување на кариерата откако сезонава ќе заврши.
Тој утре ќе ги мине лекарските прегледи и ќе го потпише договорот со тимот од Марсеј, а своето деби за Олимпик би требало да го има на петочниот меч на „Велодром“ против екипата на Лил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА