Банзузи е куп-џокерот на Лајпциг

Лајпциг многу потешко од очекувањата ја мина првата пречка во Купот на Германија откако тимот на нашиот Елиф Елмас со 2-4 триумфираше на гостувањето против Сандхаузен.

Лајпциг два пати беше во негатива во првото полувреме, успеа да израмни со головите на Диоманде и на Орбан, а во вториот дел улогата на херој му припадна на Банзузи. Младиот Холанѓанец пристигна летово од редовите на белгиски Лувен, влезе во игра во 62. минута од денешниот меч и осумнаесет минути подоцна го постигна клучниот гол за својот тим. Печат на триумфот во 95. минута стави Чави Симонс, кој беше дел од тимот иако е многу блиску до потпис за Челси.

Елиф Елмас очекувано не беше ниту на клупата за резерви на Лајпциг, во ситуација кога македонскиот репрезентативец е блиску до заминување од овој клуб.

Најубедлив беше тимот на Волфсбург кој славеше со 0-9 против нисколигашот Хемелинген, додека Хофенхајм како гостин рутински триумфираше со 0-4 над Ханза во Рошток.

Новиот прволигаш Хамбургер едвај го елиминираше составот на Пирмасенс, дури по продолженија од два пати по 15 минути, откако Хамбургер во 92. минута се спаси од елиминиација, а потоа со голот на Конигсдофер во 100. минута стигна до пласман во следната рунда.

Се вчитува...