БАРАЖИ ЗА ВТОРА ЛИГА: Осогово верува дека може до победа со Тетекс, пет од шесте бараж-екипи ќе играат во повисок ранг!

Фудбалскиот клуб Осогово од Кочани изминатава сезона 2022/23 ја заврши убедливо на прво место во Третата лига – Исток со што избори место во бараж натпреварот за вракање во Втората лига.

Од вкупно 21 натпревар колку што се одиграа Осогово забележа 16 победи и со вкупно 51 бод ја заврши оваа сезона со најмногу постигнати голови 64 и најмалку примени само 18 гола. Резултат што кажува дека овој тим има што да каже и на денешниот бараж натпревар против тимот на Тетекс. Тренерот на екипата Ефтим Аксентиев поранешен играч на Осогово, Силекс, Работнички, Брегалница и Гостивар направи добра екипа која што има за цел да се врати во Втората лига таму каде што и заслужува. Ланската сезона несреќно го загуби статусот на второлигаш, но сепак само за една сезона одиграно во Трета лига Осогово има големи амбиции да се врати во Втора Лига.

Следната година 2024, Осогово и Кочани имаат јубилеј 100 години фудбал во Кочани, податок кој сам кажува за богатата историја на клубот формиран во далечната 1924 година. Сето тоа е една силна мотивација наредната сезона да се слави 100 години од формирањето на клубот во второлигашка конкуренција. Тренерот Ефтим Аксентиев го респектира противникот Тетекс, екипа исто така како и Осогово со богата историја предводена од Љупчо Марковски -Калц.

„Искрено Осогово не го посакуваше Тетекс за противник, кој во своите редови има и млади но и неколку искусни фудбалери кои ги респектираме. Но, добро е анализиран како противник и се надевам дека сите играчи кои ќе добијат шанса во бараж натпреварот ќе го дадат својот максимум па на теренот нека подобри подобриот. Се надеваме на фер судење и фер и коректна игра од двете екипи. Апел до сите верни навивачи на Осогово и навивачката група Сејмени денес во што поголем број да дојдат во Маџари и да го подржат Осогово во битката за влез во Втора Лига“ – вели Ефтим Аксентиев.

Градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов ја дава целосната подршка од општината и најави дека со неколку приватни фирми Осогово ќе биде стабилен второлигаш и повторно ќе го помага клубот со богата историја, убеден дека следната година ќе го гледаме Осогово во повисок ранг на натпреварување.

Во останатите два бараж дуели денеска ќе играат и Вардар Неготино со Новаци и Башкими со Влазрими. Интересно, од шесте екипи во баражот дури пет ќе играат следната сезона во Втората лига. Од поразените три екипи од денешните пресметките, утре со ждрепка ќе се бараат последните две кои ќе обезбедат место во Втората лига, а само една ќе остане во третолигашката конкуренција.

Тие пет екипи ќе им се придружат на веќе познатите второлигаши за следната сезона која ќе брои 16 екипи: Скопје, Охрид, Победа, Пелистер, Детонит Плачковица, Беса, Арсими, Кожуф, Беласица, Караорман и Каменица Саса.

БАРАЖИ ЗА ВТОРА ЛИГА (денеска, 17 часот)

Скопје: ОСОГОВО – ТЕТЕКС

Кичево: ВАРДАР НЕГОТИНО – НОВАЦИ

Тетово: БАШКИМИ – ВЛАЗРИМИ

Се вчитува...