Капитенот на македонската репрезентација, Енис Барди денеска се очекува да го официјализира својот трансфер во турскиот суперлигаш Бодрумспор. Како што најави претходно ЕКИПА, Барди, по разделбата со Трабзонспор останува во Турција прифаќајќи ја понудата на Бодрумспор.
Македонскиот фудбалер од средниот ред денеска, како што пренесуваат турските медиуми, се очекува да ги мине лекарските прегледи во Бодрум, а потоа да следи и официјалното потпишување на договорот со клубот, откако претходно беа договорени сите детали околу меѓусебната соработка.
Барди уште имаше неколку понуди за продолжување на кариерата од екипи, пред се од Шпанија и од Турција, но на крај и на инсистирање на менаџерот на Бодрумспор, легендарниот Волкан Демирел се одлучи кариерата да ја продолжи во клубот каде е веќе најавен како големо засилување во битката за опстанок оваа сезона во Суперлигата на Турција.
Енис Барди, кој потекнува од фудбалската школа на Шкупи, претходно во кариерата има настапувано за дански Брондби, шведската Преспа Бирлик, па унгарски Ујпешт од каде во 2017 година се пресели во шпански Леванте.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

