Барди и Трабзон не успеаја во ЛШ, Глазгов Ренџерс до билет со гол-подарок од ПСВ

Енис Барди и Трабзонспор не успеаја да се пласираат во групната фаза од Лигата на Шампионите, ремизирајќи 0-0 на свој терен против Копенхаген, по поразот од 2-1 на првиот меч одигран во Данска.

Македонскиот репрезентативец вечерва беше стартер и еден од најдобрите фудбалери на Трабзон, Барди ја имаше и првата шанса на мечот на почетокот од втората минута, но турскиот првак и покрај поголемиот посед на топката не успеа да создаде стопроцентни ситуации за гол и да го матира гостинскиот чувар на мрежата.

Глазгов Ренџерс по 12 години пауза повторно ќе биде дел од елитното европско натпреварување откако шкотскиот вицепрвак славеше на гостувањето против ПСВ Ајндховен со 0-1.

Домаќините промашија неколку убави шанси во првото полувреме, а единствениот гол беше голем подарок од домашниот играч Рамалјо, кој ја загуби топката во сопствениот шеснаесетник, по што Чолак немаше тешка задача да ја смести во мрежата.

Се вчитува...