Преселба во Шпанија и настап во престижната Примера дивизија е единствена желба на која инсистира македонскиот репрезентативец Енис Барди при реализацијата на трансфер ова лето од редовите на унгарскиот Ујпешт. Токму затоа, како што дознава ЕКИПА, во голема мера веќе е разрешена дилемата каде ќе ја продолжи својата кариера. Деновиве веќе треба најпрво да се појави на лекарски прегледи а потоа и да стави потпис на договор со повратникот во шпанската Прва лига, Леванте!
И покрај амбициите на Видеотон по секоја цена да го доведе во своите редови, сепак пресудила желбата на Барди својата кариера да ја продолжи во Шпанија. Челници на Леванте во текот на вчерашниот ден веќе престојувале во Будимпешта каде се финализирани разговорите за трансферот на македонскиот фудбалер. Според нашите информации, Леванте треба да издвои сума од 1,5 милион евра како отштета за услугите на Барди, а согласно договорот ќе добие и 10% од евентуалниот следен трансфер на најдобриот македонски фудбалер на Европското првенство во Полска.
Како што објавивме и претходно, единствена пречка за реализацијата на трансферот на Барди во Леванте, може да биде цврстата определба на Видеотон да го доведе во своите редови. Од Видеотон нудат и далеку поповолни индивидуални финансиски услови за Барди, но македонскиот репрезентативец е определен кариерата да ја продолжи на Пиринејскиот полуостров.
23-годишниот Енис Барди го привлече вниманието на европските фудбалски клубови по извонредната сезона во дресот на Ујпешт, но засилен интерес предизвика и по настапот на Европското првенство во Полска каде се издвои меѓу фудбалерите кои оставија најголем впечаток. Со ефект од 14 шута кон противничкиот гол, седум во рамките на голот, и два постигнати погодоци беше еден од најдобрите фудбалери во групната фаза од натпреварите на ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА