Леванте е несовладлив оваа сезона во Примера дивизион, а најпријатно изненадување во редовите на овој клуб дефинитивно е Енис Барди. Македонскиот репрезентативец пристигна од редовите на Ујпешт за сума од 1,5 милиони евра и експресно се наметна како еден од најдобрите млади фудбалери во Примера.
Заштитен знак дефинитивно му се слободните удари, а по мајсторијата против Реал Сосиедад, весникот „Марка“ за својата веб-страница направи специјален прилог и разговор со Барди. Во овој разговор, Барди открива и дел од својата тајна при изведувањето на слободните удари.
„Ги вежбам овие удари уште од дете и рецептот ми остана ист. Фокус на топката, го гледам голманот во очи и понекогаш се обидувам да го измамам. Што се однесува до шутот, целта секогаш е иста – да го погодам аголот. Tоа е добро оружје, ако имаме слободен удар да се обидам да постигнам гол и да му помогнам на својот тим“ – изјави Барди.
Македонскиот ас сезонва постигна два гола од слободни удари во Примера дивизион, со што е најдобар стрелец од овие ситуации во Топ 5 лигите во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА