Барди: Јас сум Албанец, но со гордост играм за Македонија

Енис Барди повторно се најде во центарот на вниманието на фудбалската јавност во регионот откако во интервју за телевизијата „Суперспорт“ говореше за случувањата во македонската репрезентација и мотивацијата во пресрет на клучниот дуел со Грузија за пласман на ЕВРО 2021.

„Јас сум Албанец и никој не ми го негира тоа, но со гордост играм за Македонија. Тоа е професионалниот пат што сум го избрал и по кој одам, во ниту еден момент не сум помислил дека сум направил грешка со одлуката да настапувам за македонската репрезентација. Никогаш сме немале никакви проблеми на оваа тема во националниот тим, сите сме тука со иста цел, даваме се од себе за репрезентацијата и тоа ни носи резултат. Сега сме на еден чекор до сонот, да го добиеме мечот со Грузија и да го сториме она што никој претходно го нема сторено во македонскиот фудбал“, вели Барди за „Суперспорт“.

Воедно, Барди обелодени и дека добил критики што играл за Македонија да бараж-дуелот против Косово.

„Да бидам искрен, имав чудни емоции пред мечот со Косово, но јас сум професионалец и секогаш го давам максимумот за екипата и репрезентацијата за која настапувам. По мечот добив честитки, но имаше и луѓе кои ме критикуваа, што искрено ми е неразбирливо. Бев пресреќен по големата победа на Македонија, исто така ми беше и малку жал за противникот. Можам да кажам дека Косово има исклучително талентирана репрезентација со која и во иднина пак ќе атакува на пласман на големите натпреварувања. Нас не делат уште 90 минути до тој успех и ќе дадеме се од себе за да ни се исполни големиот сон“, порача Енис Барди.

Се вчитува...