Енис Барди стави крај на голготата што ја доживуваше во Трабзонспор и ја избра следната дестинација во кариерата, одлучувајќи да остане во Турција и да го облече дресот на Бодрумспор.
Македонскиот капитен веќе се приклучи на екипата и одработе неколку тренинзи, па се очекува да биде стартер на утрешниот дуел со Коњаспор, директен ривал во битката за опстанок. Барди ја даде и првата изјава како член на Бодрум, најавувајќи дека е максимално подготвен за предизвиците што ги носи овој трансфер.
„Сакам да се заблагодарам на сите во клубот што веруваат во моите способности и што ме доведоа овде. Среќен сум што сум дел од овој проект, ќе сторам се за да помогнам до крајот на оваа сезона, верувам дека ќе стигнеме до резултатите што сите ги посакуваме. Морам да признам дека по сето она што ми се случуваше се уште не сум 100% физички подготвен бидејќи предолго тренирав индивидуално. Сепак, можам да ви ветам на сите дека ќе дадам 100% од себе, за овој тим да остане во лигата. Јас и соиграчите ќе сториме се за тоа да се случи“, изјави Енис Барди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА