Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди, на прес-конференцијата пред мечот со Белгија изјави дека домашниот терен треба да биде предност за нашата селекција во дуелот со фаворитот.
Барди кажа дека Македонија е подготвена да даде максимум против Белгијците.
„Подготвени сме за овој меч, знаеме дека е квалитетна репрезентација Белгија. Знаеме што значи да се игра дома, и секој играч мора да има одговорност и да покажеме дека дома тешко може некој да нѐ победи. Италија и Англија тука не нѐ победија. Треба да мислиме ние како ќе изгледаме, и ако дадеме максимум се ќе биде поинаку и подобро“, изјави Енис Барди.
Фудбалерот од средниот ред на македонската селекција, рече дека Македонија има се што е потребно за да се надева на позитивен резултат против фаворизираната Белгија.
„Имаме доста квалитетни играчи, имаме искуство, имаме се што е потребно за да направиме нешто за кое сите сонуваме. За да направиш нешто, треба да веруваш. Затоа треба да веруваме, играме дома, играме пред наша публика, и како што кажав, тука треба ние да го имаме главниот збор и да се обидеме да дојдеме до трите бода, што е цел на секој натпревар“, рече Барди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

